Специјализантите останаа без платени дежурства, бараат решение од премиерот

Илустрација

Приватните специјализанти немаат добиено надоместок за дежурства од месец февруари.

Од здружението на лекари специјализанти велат дека исплатата на дежурствата е прекината без никакво образложение и покрај тоа што имаат склучени договори со клиниките за исплата на надоместокот за својата работа.

Преку отворено писмо до Премиерот и до сите надлежни институции специјализантите апелираат да се најде решение за, како што велат, овој горлив проблем на лекарската фела.

„Апелираме до Премиерот и до сите надлежни институции да изнајдат решение за овој проблем кој потекнува од самоволието на поединци во ФЗОРСМ кои не ги согледуваат последиците од ваквата одлука, ставајки ги личните интереси пред здравјето на граѓаните. Се надеваме на брзо решение на овој проблем кој се провлекува со месеци, пред да биде оневозможено продолжувањето на специјализацијата за најголем дел од лекарите, што ќе доведе до акутен недостаток на медицински кадар на клиниките и попречување на редовните работни активности во истите“, стои во отвореното писмо на специјализантите до Премиерот.

Кој ќе ги лекува пациентите ако младите лекари заминуваат од земјава?

Дополнително од здружението потенцираат дека во отсуство на дадените средства, продолжувањето на специјализацијата за најголем дел од лекарите би било невозможно, бидејќи овие средства претставуваат единствен финансиски прилив за приватните специјализанти.

„Во време каде ширум нашата држава, се затвараат цели одделенија, низ здравствените установи како последица на отсуство на медицнски кадар, сметаме дека овие средства (кои се веќе помали од просечната плата во РСМ) е повеќе од оправдана причина да бидат исплатени во целост на нашите колеги.
Овој профил на кадар е најтежок да се продуцира и времето да се изгради еден лекар специјализант е преку 12 години, истовремено младите лекари најмасовно емигрираат од Македонија за да се стекнат со финансиска сигурност. Укинувањето на оваа мерка во пракса значи бркање на младиот лекар од државата како и негативен стимул, за студентите на медицина да ја продолжат својата едукација во рамки на државата“, се додава во отворено писмо.

Инаку одлуката за плаќање на дежурствата на приватните специјализанти беше соопштена во мај минатата година од страна на тогашниот министер за здравство, Венко Филипче, кој рече дека станува збор за значајна мерка со која ќе се спречи одливот на медицински кадар и ќе се стимулираат младите лекари да останат во земјава.