Собраниската комисија не расправаше за пожарот во болницата во Тетово и за несреќата на „Беса Транс“, не дојдоа пратениците од власта

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РСМ

Поради отсуство на пратениците од власта, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот денеска немаше кворум за расправа. На дневен ред на седницата се Информацијата за автобуската несреќа на превозната компанија „Беса Транс“ што се случи во Бугарија и Информацијата за состојбите и преземените активности во врска со расчистување на случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово.

„Гледаме дека власта одлучи да не дојде денеска на оваа седница и да не одлучува. Главната цел е да не овозможат дебата со точките кои се однесуваат на правата и слободите на граѓаните“, рече претседателот на Постојаната комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните Халил Снопче.

Тој посочи дека власта прави кворум кога станува збор за делење тендери, задолжувања и отворање на казина, за распределба на пари без критериуми, а дека нема кворум за Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, за несреќите, како што се автобуската несреќа на превозната компанија „Беса Транс“ и со Модуларната болница во Тетово, каде настрадаа околу 60 луѓе.

Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека власта бега од прашањата зошто е виновна. Власта, како што нагласи, блокира разгледување на прашања кои се со човечки жртви.

Членовите на Комисијата беа согласни дека треба да се дискутира за овие теми, а семејствата да бидат информирани што се случило со членовите на нивните семејства и блиски при несреќите.

Членовите на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се осврнаа и на модуларните болници, начинот на кој тие се градеа, за нивниот надзор, за тоа кој е одговорен за нив, за материјалите од кои се направени. Тие исто така посочија дека не се судски и извршни органи и побраа да се дискутира и да се изразат сомнежите и мислењата.

Во сообраќајната несреќа во Бугарија на автопатот Струма загинаа 45 македонски граѓани. Несреќата се случи на 23 ноември, минатата година во раните утрински часови, при што автобусот на „Беса транс“ којшто од Истанбул се враќаше со туристи, удри во ограда на автопатот Струма, кај селото Боснек, меѓу загинатите имаше 12 деца, а седуммина преживеаја.

Во пожарот кој ја зафати модуларната ковид болница во Тетово на денот на несреќата беа хоспитализирани 26 пациенти, од кои 14 загинаа, а 12 беа безбедно евакуирани.