Градоначалникот на Северодонецк вели дека евакуацијата е невозможна

илустрација

Украинските сили продолжуваат да ја држат индустриската зона и придружните области во Северодонецк, а ситуацијата е „тешка, но под контрола“, изјави градоначалникот Олександр Стрјук, пренесе Ројтерс.

Тој исто така рече дека линиите на одбрана се одржуваат и покрај интензивната руска артилерија, но дека сега е невозможно да се евакуираат луѓето од Северодонецк. Околу 10.000 цивили остануваат во градот, кој сега е главниот фокус на руската офанзива.

На улиците на Северодоњецк руските сили „уништуваат се што може да се искористи за одбрана“, рече регионалниот гувернер.

Серхи Гајдаи, гувернерот на Луганск, рече дека Русија ги гранатира областите кои сè уште се под украинска контрола, но дека украинските сили ќе можат да го „исчистат“ градот кога ќе добијат артилерија со долг дострел.

Стариот индустриски град, кој е речиси последниот дел од регионот на Луганск, во последните денови доживува улични борби и тешки жртви од двете страни.
Фокусот на војната во Украина се префрли на исток кон крајот на март, откако руските сили се повлекоа од регионот околу главниот град Киев.

Големи делови од Донбас, околу една третина, се под контрола на сепаратистите поддржани од Русија од 2014 година, кога Русија го анектираше Крим.