СДСМ: Талир 2 е победа на правдата, ВМРО-ДПМНЕ: Пресудата е предвреме напишана

илустрација

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска соопшти дека пресудата во случајот Талир 2 е победа на правдата врз најголемите корупциски скандали во државата и потврда за епските размери на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија додаваат дека со оваа пресуда со која се конфискува зградата на ВМРО-ДПМНЕ од државата поради незаконска изградба, е исправена е уште една неправда нанесена врз грбот на граѓаните.

„Додека граѓаните во тој период тешко живееја, ВМРО-ДПМНЕ си ја опремувало Белата плата со прескапи луксузи, со плочки од 100.000 евра, паркет од 76.000 евра, вазна од 180.000 евра. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се водела од интересот на граѓаните и се што правела правела само за партијата. Така е до денеска. Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата криминална партија. Сега, по правосилноста на пресудата, се отвора можноста запленетиот имот да се продаде или да се пренамени. Парите и имотот треба да се вратат кај оние од коишто се земени, а тоа е се граѓаните“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека пресудата за случајот Талир е диктирана во СДСМ, и тоа „од седиштето кое е нелегално присвоено како поранешен објект на МОН“.

„Пресудата на Талир е дефокус од животот во национална катастрофа, поскапувања и грабеж кој се прави на народот. Обвинителството и судот се продолжена рака на СДСМ. Пресудата во случајот Талир 2 е предвреме напишана. Истата е обзнанена неполни 24 часа по завршните зборови. Кога судијката најде време да ги анализира завршните зборови, и кога најде време да ја напише пресудата“, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку вчера Основниот суд Скопје 1 одлучи неокласичниот дворец со осум ката плус спорната тераса каде што сега е сместена политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да биде конфискуван од државата поради незаконска изградба, пресече денеска Основниот суд Скопје 1 со пресудата за предметот на поранешното специјално обвинителство „Талир 2 “.

Судот му одредени казна затвор од 6 години на првообвинетиот поранешен премиер кој е во бегство, Никола Груевски, додека на второбвинетиот поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски му одреди условна казна затвор од две години. Тие се прогласени за виновни затоа што незаконски, со злоупотреба на положба за партијата ВМРО-ДПМНЕ прибавиле нов објект вреден 7 милиони евра и дополнителни 2 милиони евра со кои купиле дополнителен недвижен имот.