Десет загинати во поплавите во Кина

илустрација, поплави во Кина

Најмалку десет лица загинаа, а три се водат како исчезнати во поплавите во централната кинеска провинција Хунан. Свлечиштето затрупа делови од селата во јужниот регион Гуангкси, објавија државните медиуми, а пренесува Асошиетед прес.

Невреме го погоди Хунан претходно овој месец, а некои мониторинг станици објавија историски нивоа на врнежи.

Околу 1,8 милиони луѓе беа погодени во доминантно рурална, планинска провинција, од кои 286.000 беа евакуирани, додека повеќе од 2.700 домови беа оштетени или целосно урнати, објави новинската агенција Ксинхуа.

Властите издадоа предупредувања за континуирани обилни дождови во Гуангкси и блиските провинции Џиангкси, Фуџијан, Гуангдонг, Хаинан, Сечуан, Чонгкинг и Јунан. Возачите и училишните администратори се предупредени да преземат безбедносни мерки, соопшти Ксинхуа.

Кина редовно доживува поплави во текот на летните месеци, најчесто во централните и јужните области, каде обично има најмногу врнежи.

Најтешките поплави во Кина во последните години беа во 1998 година, кога загинаа повеќе од 2.000 луѓе, а беа уништени речиси три милиони домови.
Владата инвестираше многу во проекти за контрола на поплави и хидроелектрични централи како што е огромната брана Три клисури на Јангце.