Бројот на нови инфекции со коронавирус и смртни случаи пријавени на глобално ниво во минатата недела падна насекаде, освен на Блискиот Исток и Југоисточна Азија, објави Светската здравствена организација (СЗО). Во соопштението се вели дека новите потврдени случаи на инфекција паднале за 12 насто на повеќе од три милиони, а пријавените смртни случаи паднале за 22 насто на околу 7.600. СЗО наведува дека континуираниот пад на бројот на заразени со коронавирусот, кој го достигна врвот во јануари, е многу охрабрувачки тренд. Сепак, агенцијата предупреди дека пандемијата сè уште не е завршена и повика на претпазливост, иако многу земји се откажаа од своите мерки за борба против вирусот.
Во извештајот се наведува дека 18 месеци по почетокот на првите масивни кампањи за имунизација против коронавирусот во богатите земји, 68 земји допрва треба да заштитат 40 проценти од своето население. Иако сега се достапни доволно вакцини, побарувачката е намалена. „Перцепцијата дека пандемијата е завршена е разбирлива, но погрешна. Во секој момент може да се појави нова и уште поопасна варијанта, а огромен број луѓе да останат незаштитени“, се вели во соопштението.