Од Стефчо Јакимовски до Слави Трифонов

БУГАРИЈА - Лидерот на бугарската политичка партија „Има таков народ“, Слави Трифонов денеска изјави за локални медиуми дека ги повлекува министрите од таа партија кои се во владата. „Ставам крај на оваа коалиција и агонија. Има две причини зошто оваа коалиција не функционира и зошто не ни е место во неа – Северна Македонија и тоа што нема повеќе пари во државата“, рече Трифонов.

ПАКИСТАН - Патнички автобус денеска излетал од тесен планински пат и паднал во длабока провалија во оддалечена област во југозападен Пакистан, при што загинале најмалку 22 лица, меѓу кои има и жени и деца.

УНГАРИЈА - Инфлацијата во Унгарија денеска достигна 10,7 отсто, што е прва двоцифрена инфлација во последните 20 години, и покрај серијата ценовни ограничувања поставени од премиерот Виктор Орбан.

МАКЕДОНИЈА - Лидерите на земјите од „Отворен Балкан“, премиерот Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ на Самитот на Отворен Балкан во Охрид, заедно со владините претставници и делегации на трите земји, ги потпишаа документите за соработка во областа на образованието, културата, туризмот и од областа на даночната политика.

БЕЛОРУСИЈА - Семејството на хонорарниот дописник на белорускиот сервис на РСЕ, Андреј Кузнечик, вели дека новинарот е осуден на шест години затвор под обвинение за создавање екстремистичка група. Според роднините, на регионалниот суд во Могиљев на истокот на земјата му биле потребни само неколку часа да го разгледа случајот и да ја донесе пресудата на судење кое беше затворено за јавноста.

ХРВАТСКА - Хрватското Министерство за здравство привремено ја забрани програмата за трансплантација на бубрези меѓу живи и несродни лица во Клиничкиот болнички центар во Загреб, поради сомневања за случаи на трговија со органи во 2019 година.

СРБИЈА - Во Белград, попладневната настава е откажана поради дојава за бомби во повеќе од 300 училишта, објави денеска заменик градоначалникот на Белград Горан Весиќ.

МАКЕДОНИЈА - Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски денеска соопшти дека по 99 месеци ја прекинува коалициската соработка со ВМРО-ДПМНЕ и дека таа коалиција повеќе не може да опстои во оваа скопска Општина.

ГЕРМАНИЈА - Едно лице загина, а осум се повредени кога автомобил влета во група луѓе во центарот на Берлин, соопшти денеска противпожарната служба на градот. Портпаролката на полицијата изјави дека возачот бил приведен на лице место откако автомобилот излетал пред продавницата по прометната шопинг улица Тоенциенштрасе.

УКРАИНА - Украинските војници можеби ќе треба да се повлечат од источниот град Севернодонецк, кој е гранатиран од руските војници 24 часа на ден, рече денеска регионалниот гувернер Сергеј Гајдеи.
„Можно е да треба да се повлечеме на подобро воспоставени позиции“, изјави гувернерот на Луганск во интервју за ТВ каналот 1 + 1, пренесува агенцијата Франс прес.