Самит на Отворен Балкан: Заемно признавање дипломи, соработка во културата, туризмот и даночните управи

Премиерите на Албанија и Македонија Еди Рама и Димитар Ковачевски, српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и Зоран Тагелтија од БиХ на самитот на Отворен Балкан во Охрид

Лидерите на земјите од „Отворен Балкан“, премиерот Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ на Самитот на Отворен Балкан во Охрид, заедно со владините претставници и делегации на трите земји, ги потпишаа документите за соработка во областа на образованието, културата, туризмот и од областа на даночната политика.

Трите држави го потпишаа Договорот за соработка на Западен Балкан во полето на взаемно признавање на дипломи и научни титули издадени во високообразовните институции и други овластени институции. Со одредбите се забрзува постапката за прифаќање на дипломите и професионалните звања, со што се поедноставува и олеснува процедурата.

На самитот денеска беше потпишан и Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот. Со овој меморандум се предвидуваат активности за заедничка промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација. Една од целите на Меморандумот за соработка во културата е креирање на заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам.

Со Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот, што денеска исто така беше потпишан на самитот „Отворен Балкан“ во Охрид, се создаваат нови можност за полесно прекугранично движење на луѓето, стоките или услугите.

На потпишувањето на документите од трите држави-иницијатори на „Отворен Балкан“, во рамки на самитот во Охрид, претходеа неколку панел сесии, на кои се обратија лидерите, претставници на меѓународната заедница, на стопански комори и на разни други институции, на кои беше истакнато дека земјите од Западен Балкан се тесно поврзани и дека нивната соработка е поттик за унапредување на регионалната соработка и за напредок на секоја земја одделно.