Лидерот на бугарската политичка партија „Има таков народ“, Слави Трифонов денеска изјави за локални медиуми дека ги повлекува министрите од таа партија кои се во владата.
„Ставам крај на оваа коалиција и агонија“, изјави Трифонов.
„Има две причини зошто оваа коалиција не функционира и зошто не ни е место во неа – Северна Македонија и тоа што нема повеќе пари во државата“, рече Трифонов.
Тој додаде дека премиерот има уште еден министер за надворешни работи, а според него, тоа е советничка на Петков, Весела Чернева.
„Што се однесува до буџетот, Асен Василев, откако е министер за финансии, милијарди летаат горе-долу во државата, а тоа се наши пари,“ рече Трифонов.
Тој истакна дека не е јасно за што е потрошена најголемата сума во историјата на Бугарија – 9 милијарди лева за девет дена во декември 2021 година.
Инаку владината коалиција има четири партии: Продолжуваме со промените, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија.
Коалицијата има 134 пратеници во 240-членото бугарско Собрание. Без 25-те пратеници на Има таков народ, владејачката коалиција останува без мнозинство.
Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека ќе води малцинска влада наместо „да дозволи да му ги виткаат рацете“.
„Подготвени сме за малцинска влада, но нема да потрошиме ниту лев без надзор“, реле тој.