Семејството на хонорарниот дописник на белорускиот сервис на РСЕ, Андреј Кузнечик, вели дека новинарот е осуден на шест години затвор под обвинение за создавање екстремистичка група. Според роднините, на регионалниот суд во Могиљев на истокот на земјата му биле потребни само неколку часа да го разгледа случајот и да ја донесе пресудата на судење кое беше затворено за јавноста.
Четириесет и тригодишниот татко на осумгодишна ќерка и двегодишен син првично беше осуден на 10 дена затвор под обвинение за хулиганство што тој ги отфрли. На 6 декември, кога му заврши казната, тој беше задржан во притвор и му беше одредена уште една 10-дневна затворска казна, исто така под обвинение за хулиганство. По отслужувањето на таа затворска казна, Кузнечик остана во затвор, а потоа беше обвинет за создавање екстремистичка група, обвинение кое властите со месеци го криеја од роднините и колегите на Кузнечик. Роднините на Кузнечик тогаш изјавија дека новинарот продолжува да тврди дека е невин.
Претседателот на РСЕ, Џејми Флај, изјави дека претходната казна на Кузнечик била заснована на „апсурдно измислени обвиненија“ и треба да се смета за кривично дело сама по себе.
Флај, исто така, ги осуди активностите на белоруската влада против независните медиуми во земјата, велејќи дека Кузнечик е меѓу „заложниците на беззаконски режим, а не криминалците. Тој додава дека фактичкото известување не е „екстремистичка“ активност, а новинарството не е кривично дело.
По спорните претседателски избори во август 2020 година предизвикаа масовни протести поради победата на авторитарниот владетел Александар Лукашенка, десетици илјади Белоруси беа уапсени поради изразување какво било несогласување против режимот.