Абазовиќ: Подаваме рака за секоја иницијатива која води кон напредок на ЗБ

Дритан Абазовиќ, премиер на Црна Гора на „Отворен Балкан“ во Охрид

Иницијатива „Отворен Балкан“ ја доживувам како помош заедно да создадеме иднина на економскиот прогрес, на бизнис, на поголема мобилност на граѓаните, на поголема соработка на сите полиња. Секоја иницијатива која може да води кон прогрес и помирување ќе има поддршка од Владата на Црна Гора.

Ова денеска го порача Дритан Абазовиќ, премиерот на Црна Гора која се уште не е формално членка на Отворен Балкан, на самитот на иницијативата во Охрид.

Тој истакна дека во интерес на сите граѓани од регионот е соработката на сите лидери од Западен Балкан за економски развој и остварување на европските интеграции. Абазовиќ ја поздрави идејата земјите од регионот во време на криза да имаат една работа група која полесно ќе интервенира доколку дојде до криза на енергетнтите и транспортот на храна.

„Доколку некој мисли дека сам може да ги задоволи сите потреби во 21 век во 2022 нека му е со среќа, но таква политика е фатална, ако од друга страна во еден отворен разговор развиеме доверба, создадеме друштво кое може да создаде нова вредност, создадеме друштво кое може да даде шанса на некои нови политики иницирани со желба за поголем економски раст и мобилноста на нашите граѓани навистина мислам дека на тоа треба да дадеме шанса“, рече Абазовиќ.

Уверен е дека желбата на сите лидери тука е својата земја да ја видат во ЕУ, бидејќи како што рече, ЕУ нема да биде целосна доколку сите земји од Западен Балкан не бидат во неа, а иницијативите како оваа за Отворен Балкан која придонесува за севкупен напредок треба да се поддржат.