Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски денеска соопшти дека по 99 месеци ја прекинува коалициската соработка со ВМРО-ДПМНЕ и дека таа коалиција повеќе не може да опстои во оваа скопска Општина.
„Јас како градоначалник со моите години и со моето искуство и со мојот карактер не можам да дозволам повеќе некој да се поигрува и со мене и со Советот на Општина Карпош, но и со интересите на граѓаните на Општина Карпош во кои влегуваат и обични граѓани и стопанственици и богати и сиромашни и од различни етнички заедници. Затоа јас и Карпош мораме да им се спротивставиме на опструкциите, мораме да им се спротивставиме на командите од еден центар,“ соопшти Јакимовски на денешната прес-конференција.
Тој потенцира дека Општина Карпош и народот „си избрале свој градоначалник кој треба да ги штити нивните интереси.
„Мораме да се спротивставиме на обидите за рекет и обидите за закани врз стопанственици од нашата Општина. Јас сум градоначалник на сите граѓани во Општина Карпош и од тие причини имам обврска да ги штитам интересите на сите граѓани во Општина Карпош,“ нагласи Јакимовски.
Тој нагласи дека смета оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски „треба си бара некој помлад за изживување“
„Треба да побара некој помлад од мене и со поинаков карактер и помалку години зад себе. Повеќе ова не може да биде толерирано“, потенцира Јакимовски, додавајќи дека во ВМРО-ДПМНЕ има пријатели и најверојатно со некои од нив и понатаму ќе остане пријател.