Отворен Балкан-отворена покана за вклучување на другите земји од регионот

илустрација

Иницијативата „Отворен Балкан“ е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој. Ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи, порача премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на Самитот „Отворен Балкан“ што се одржува во Охрид.

Војната во Украина, како што посочи, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот, а оставањето на геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа, не е опција.

„Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Војната која се случува во Украина, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот. Затоа сите мораме да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние сме тие што мораме да ја пополниме таа празнина и затоа постои Отворен Балкан што е наша, автохтона, органска иницијатива создадена од нашите институции, сериозно поддржана од сите народи и етникуми кои живеат во нашите држави“, порача Ковачевски.

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека она што се гледа во односите меѓу Србија и Македонија е дека повеќе нема билатерални проблеми.

„Сакам да истакнам дека суштината на оваа иницијатива е да се формираат работни групи сега или на следниот состанок кој сакам да биде во јужна Србија, со што би се активирале владите да се надминат проблемите на целиот регион, проблемите со енергетската криза, финансиската и културната легислатива. Денеска потпишуваме договори за работните дозволи, развој на туризмот, здравството, образованието“, рече Вучиќ.

Албанскиот премиер Еди Рама додаде дека над 60 проценти од населението во Албанија го подржува „Отворен Балкан“.

„Во исто време, запознаени сме со случувањата во Украина. Знаеме и дека Србија и Русија имаат блиски односи, знаеме и дека меѓу Белград и Приштина има отворено прашање и проблеми. Но убедени сме дека овие работи можат да се надминат само ако се доближиме и соработуваме заедно како денеска што сме сите овде заедно во Охрид“, потенцираше Рама.

На самитот преку видео врска се обрати и американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Тој истакна дека можностите на Западен Балкан се огромни, не само на економска и регионална соработка, туку и на евроинтеграциска.

„Би сакал да истакнам дека ова е одлична иницијатива, се надевам дека оваа иницијатива ќе се прошири со уште членки. Ги охрабрувам лидерите на земјите членки да го усогласат „Отворен Балкан“ со другите иницијативи на Западен Балкан. Земјите од регионот може да сметаат на помошта од САД во однос на економијата, борбата против корупцијата и криминалот и европската интеграција“, рече Ескобар.

Премиерот Ковачевски се надева дека „Отворен Балкан“ ќе станува сѐ поатрактивна иницијатва и дека кон неа ќе се приклучат и останатите држави од регионот. Го поздрави присуството на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, а како што рече, останува отворена поканата и за косовскиот премиер.

На самитот во Охрид се очекува да бидат потпишани договор за соработка и меѓусебно признавање дипломи и научни оценки издадени во високообразовни установи и други овластени институции, како и меморандуми за разбирање за соработка во областите туризам, култура и даночна администрација во Западен Балкан.