Зеленски: Украина ќе ја врати територијата заземена од Русија

Припадници на украинската војска во близина на линијата на фронтот, додека рускиот напад врз Украина продолжува, Доњецк, 6 јуни 2022 година

Украина ќе се бори да ја врати целата нејзина територија што е окупирана од руските сили, рече претседателот Володимир Зеленски додека украинските сили се борат да го задржат источниот град Северодоњецк. Украинските воени сили известија дека во текот на денот во регионите Доњецк и Луганск, руските војници пукале во повеќе од 16 населени места, при што загинал еден цивил, а шест биле повредени. Украинските бранители одбиле 11 непријателски напади, а борбите сѐ уште се водат на две локации, соопшти војската.

Украинската „Легија на странци“ на фронтот во Северодоњецк

Украинските сили тврдат дека уништиле три руски тенкови, пет артилериски системи, неколку возила и три складишта за муниција.Единиците за воздушна одбрана соборија два дрона на небото над Донбас, соопшти украинската војска. Ниту едно од тврдењата не можеше да се потврди независно. Зеленски претходно рече дека украинските сили сè уште се држат во Северодоњецк и покрај тоа што се помалубројни од руската војска. Тој рече дека интензивните борби од куќа до куќа и неселективното гранатирање на Русите го претворија Северодоњецк и неговиот збратимен град Лисичанск во „мртви градови“.