Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека напорно се трудела да спречи ситуацијата во Украина да прерасне во целосен конфликт. Говорејќи во своето прво интервју по заминувањето од функцијата, таа рече дека чувствува „голема тага“ што германско-француските напори околу мировниот договор од Минск со Русија не успеале, но таа не се обвинува себеси. „Дипломатијата не е погрешна само затоа што не функционира“, рече таа, говорејќи во интервјуто емитувано на АРД, додавајќи: „Затоа, не гледам зошто треба да кажам дека тоа е погрешно и нема да се извинувам за тоа“. Мировниот договор од Минск постигнат во 2014 и 2015 година имаше за цел да го реши конфликтот во источна Украина меѓу сепаратистите поддржани од Русија и украинските владини сили.
Меркел и Путин разговараа за кризата со мигрантите на полско-белоруската граница
Лидерите на Украина, Русија, Германија и Франција се состануваа во таканаречениот Нормандски формат за да бараат крај на конфликтот, но договорите беа попречени со различни толкувања на нивната содржина и процесот за нивно спроведување. „Иако никогаш не беше целосно успешен, мировниот процес „донесе одредено смиреност“ што ѝ даде на Украина неколку години да се развие како нација и да ја зајакне својата војска“, рече таа. Во врска со актуелната ситуација, Меркел рече дека нема оправдување за руското „брутално непочитување на меѓународното право“. Таа рече дека нападот бил голема грешка и се прашува што можело да се направи поинаку.
Таа рече дека била против планот Украина да влезе во НАТО, бидејќи сакала да спречи ескалација со Русија и затоа што Украина не е подготвена да ѝ се приклучи на Алијансата. Таа, исто така, рече дека не била наивна за „омразата“ на рускиот претседател Владимир Путин кон западниот демократски модел, велејќи дека неколку пати ги предупредила своите колеги дека тој сака да ја растури Европската унија.
Меркел одбила работа во Обединетите нации
За време на нејзиниот мандат, Меркел се залагаше за одржување на комуникацијата со Путин и за трговски, прагматичен пристап кон Москва. Но, нејзиното управување со Северен тек 2 за испорака на природен гас од Русија до Германија беше силно критикувано за продлабочување на зависноста на Германија од руската енергија. Меркел (67) поднесе оставка минатата година откако беше канцелар на Германија од 2005 до 2021 година, претставувајќи ја Христијанско-демократската унија (ЦДУ).