Леб и политика
МАКЕДОНИЈА - Во 2021 година се регистрирани 20 живородени деца од мајки на возраст под 15 години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во денешното соопштение е наведено дека минатата година се родени вкупно 18 790 деца, од кои живородени се 18 648, а мртвородени 142. Бројот на живородените деца во 2021, во споредба со минатата година, е намален за 2.0 %.
МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство Битола соопшти дека поведе кривична постапка против едно лице за Предизвикување општа опасност, а по опожарувањето на клубот Ванчо Михајлов во Битола.
МАКЕДОНИЈА - Државниот завод за статистика и во мај измери двоцифрен раст на трошоците за живот од 12,1 процент, додека на годишно ниво достигна 11,9 отсто. Лебот, зејтинот и млекото се трите производи кои поскапеле од 15 до 40 проценти за една година, од мај лани, до мај годинава. Зголемување на цените за 6,7 проценти има кај шеќерот и чоколадото, кафето и чајот за 3,1 процент додека месото за 2,5 проценти. Трошоците на животот во мај годинава во однос на претходниот месец се зголемени за два проценти, а цените на мало за 1,5.
САД / ЕУ / РУСИЈА - Соединетите Држави се вклучени во „исклучително активни“ дискусии со европските земји со цел да се најдат повеќе начини за ограничување на приходите од руската нафта, изјави денеска американскиот министер за финансии Џенет Јелен.
МАКЕДОНИЈА - Лидерите на земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ денеска пристигнаа во Охрид каде што утре ќе се одржи работниот дел од самитот. Владината прес-службата соопшти дека министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги пречека претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ на охридскиот аеродром.
УКРАИНА - Украинските власти ги обвинија руските сили дека уапсиле околу 600 луѓе, главно новинари и прокиевски активисти во јужниот регион Керсон, кој сега војската на Москва го држи под своја контрола, јавува новинската агенција Франс прес.
МАКЕДОНИЈА - Повисоки плати за 15 отсто за вработените во основно и во средно образование ќе има од септември, како што е договорено со Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК). Тоа е предвидено во ребалансот на Буџетот, што треба да биде усвоен во Собранието, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
ГЕРМАНИЈА - Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок вели дека меѓународната заедница мора да ја освести талибанската влада во Авганистан дека оди во погрешна насока.