Државниот завод за статистика и во мај измери двоцифрен раст на трошоците за живот од 12,1 процент, додека на годишно ниво достигна 11,9 отсто. Лебот, зејтинот и млекото се трите производи кои поскапеле од 15 до 40 проценти за една година, од мај лани, до мај годинава. Зголемување на цените за 6,7 проценти има кај шеќерот и чоколадото, кафето и чајот за 3,1 процент додека месото за 2,5 проценти. Трошоците на животот во мај годинава во однос на претходниот месец се зголемени за два проценти, а цените на мало за 1,5.
Во мај, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај другите медицински производи за 19.0 %, услугите за сместување за 7.5 %, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 7.4 %, накитот, часовниците и рачните часовници за 7.0 %, течните горива за домаќинствата за 5.8 %, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 5.7 %, туристичките аранжмани за 4.3 %.
Поскапени се и о обувките за 3.3 %, производи за лична хигиена за 2.2 %, гасот за домаќинствата, фризерските салони и центрите за разубавување за 1.7 %.
Намалување на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај воздухопловниот патнички транспорт за 10.5 %, градините, растенијата и цвеќињата за 2.4 % и електричните апарати за лична хигиена за 1.2 %.
Индексот на трошоците на животот во мај 2022 година, во однос на мај 2021 година, бележи зголемување од 11.9 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 12.1 %.