Соединетите Држави се вклучени во „исклучително активни“ дискусии со европските земји со цел да се најдат повеќе начини за ограничување на приходите од руската нафта, изјави денеска американскиот министер за финансии Џенет Јелен.
Американските власти имаат за цел да го задржат протокот на руската нафта на глобалниот пазар за да ги задржат цените и да избегнат скок што може да предизвика светска рецесија, рече Јелен.
„Но, апсолутно целта е да се ограничат приходите што одат во Русија“ изјави таа пред сенатската комисија на 7 јуни.
Постојат различни начини да се постигне тоа, вклучително и можниот потег на купувачите на нафтата да се здружат и да ги ограничат цените што и ги плаќаат на Москва, додаде таа.
Соединетите држави минатата недела ја поздравија одлуката на Европската унија да го намали увозот на руска нафта за повеќе од две третини. Одлуката беше дел од шестиот пакет санкции спроведени од ЕУ против Русија поради нејзината војна против Украина.
Русија не ќе може да ги исплати странските обврзници
Официјални претставници на ЕУ веруваат дека потегот на блокот ќе ја намали цената што Москва може да ја побара за својата сурова нафта и ќе ја намали количината на сурова нафта што Москва ќе ја продава во странство.
Во своето обраќање пред Комитетот за финансии на Сенатот, Јелен рече дека американските производители на нафта не успеале да предвидат поголема побарувачка и зголемување на цените како што се олеснува пандемијата на ковид -19, но сега имаат поттик да го зголемат производството.
Таа додаде дека е „практично невозможно“ САД да се изолираат од шоковите на пазарот на нафта, како што се оние предизвикани од руската инвазија на Украина, па затоа е важно да се насочи кон обновливите извори на енергија.