Ескобар на средби со политичките лидери во Сараево

Габриел Ескобар, специјалниот пратеник на Соединетите Држави за Западен Балкан, денеска се сретна со претставници на трите владејачки партии во кантонот Сараево.

Саша Магазиновиќ, од Социјалдемократската партија на Босна и Херцеговина, по средбата изјави дека не може детално да зборува за деталите од еден дел од средбата.

„Што се однесува до вториот дел од средбата, сакам да ја истакнам темата за поддршка на оние кои се борат против корупцијата, особено институционалната. Како многу позитивен пример се наведува она што го прави Владата на кантонот Сараево“, рече Магазиновиќ.

Елмедин Конаковиќ, претседател на партијата „Народ и правда“, рече дека со Ескобар разговарале за санкции против оние кои ги блокираат процесите, кои имаат сецесионистички намери, но и против оние кои се признати како лидери на корупцијата во БиХ.

Премиерот на кантонот Сараево и претседателот на „Нашата партија“ Един Форто рече дека „клучните пораки што ни ги испратија Соединетите Држави се да се радуваме на новата генерација политичари кои ќе ја водат оваа земја напред“.

Ескобар пристигна во Сараево во понеделникот вечерта. Ова е негова втора посета во изминатите два месеци. Тој допатува во Сараево истиот ден кога беа воведени новите американски санкции за политичарите во БиХ - претседателот на Федерацијата БиХ и висок функционер на владејачката Хрватска демократска заедница на БиХ Маринко Чавар и Ален Шераниќ, министерот за здравство и функционер на Алијансата на независните социјалдемократи на чие чело е и Милорад Додик, кој исто така е на „црната листа“ на САД.