Полицијата го привела лицето кое го подметнало пожарот во Центарот за култура Ванчо Михајлов во Битола, објави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот фејсбук профил.
„Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода“, напиша Спасовски.
- Запален бугарскиот културен центар Ванчо Михајлов во Битола
- Остри критики од државниот врв за отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“
Пред три дена беше запален влезниот дел од бугарскиот Центар за култура „Ванчо Михајлов“ во Битола. Полицијата и Обвинителството извршија увид по што јавниот обвинител издаде и наредби за обезбедување на снимките од безбедносните видео камери на самиот објект, но и на околните објекти.
Присуството на бугарскиот државен врв на отворањето на Културниот клуб во Центарот Ванчо Михајлов во Битола предизвика жестоки реакции во македонската јавност, со оглед на тоа што Михајлов, родум од Штип, во Втората светска војна бил соработник на фашистите. Тој тврдел дека Македонците се дел од бугарскиот народ.