Зеленски: Северодонецк и Лисичанск се мртви градови

илустрација

Украинските сили сè уште се држат во Северодонецк, рече претседателот Володимир Зеленски и покрај тоа што руската војска e побројна.

„Има повеќе од нив, тие се помоќни, но ние ги имаме сите шанси да се бориме во оваа насока“, рече Зеленски, додавајќи дека интензивните борби од куќа до куќа и неселективно гранатирање на Русите го претворија Северодонецк и Лисичанск во „мртви градови“.

Регионалниот гувернер Серихи Хејдеј рече дека битката за Северодонецк е „во полн ек“. Хејдеј рече дека во Лисичанск биле опожарени пазар и училиште. Доколку бидат заземени двете стратешки цели кои сè уште се во рацете на Украина, руските сили ќе завладеат со целиот регион Луганск на истокот на Украина.

Напредувањето на Русите кон Попасна, на околу 50 километри јужно од Северодонецк, запре минатата недела, објави британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање. Во билтенот се вели дека Москва „речиси сигурно“ ќе треба да постигне пробив или во Попасна или северно од Северодонецк, во областа Изум, ако сака да постигне „успех и напредок кон својата политичка цел да ја контролира целата Донецката област“.

Зеленски пак изјави дека се развила „загрозувачка ситуација“ во Запорожје, каде што руските војници имаат намера да го заземат главниот град во регионот дури и додека се борат за контрола на Северодонецк.