Францускиот претседател Емануел Макрон изрази подготвеност да биде домаќин на претставниците на бугарските и македонските власти „кога ќе дојде време“ за склучување билатерален договор што ќе овозможи отворање на пристапните преговори меѓу Скопје и ЕУ. Франција, која претседава со ЕУ до 1 јули, веќе неколку недели бара решение за спорот меѓу двете земји, соопшти синоќа Елисејската палата по телефонските разговори на Макрон со бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Димитар Ковачевски. За време на тие разговори, Макрон изразил „целосна поддршка за договорот меѓу двете земји, што ќе придонесе за добрососедските односи и ќе ја зајакне европската перспектива на Северна Македонија“, соопшти француското претседателство.
Ковачевски: На маса нема конкретен предлог од Франција
Бугарија го блокираше пристапот на Северна Македонија во ЕУ во ноември 2020 година поради јазични и историски спорови. Пред бугарската блокада, Северна Македонија со години беше соочена со ветото на Грција, која го отфрли нејзиното име Македонија, бидејќи така се вика и нејзината провинција на север, сметајќи ја како узурпација на нејзиното историско наследство. Атина го укина ветото дури во 2018 година, кога на името на државата Македонија беше додадена придавката Северна. Во 2019 година, Макрон, заедно со уште две земји-членки, стави вето на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, сметајќи дека не се исполнети условите за проширување на ЕУ со овие две земји.