Украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна рече дека руските трупи имаат намера да го заземат Запорожје, голем град на југоистокот на земјата, што ќе и овозможи на руската војска да напредува поблиску до центарот на земјата.
Зеленски на денешната прес-конференција рече дека мировните преговори со Русија се на „ нула“, а во меѓувреме „најзагрозувачка ситуација“ има во регионот Запорожје, чии делови веќе се преземени од Русија.
„Непријателот сака да го окупира градот Запорожје“, рече Зеленски кој според соопштението од неговиот кабинет, вчера ги посети војниците во Запорожје за да им се заблагодари за нивната пожртвуваност.
Зеленски, исто така, рече дека украинските војници се уште се борат во источниот дел на земјата познат како Донбас. Во регионот Луганск, кој е дел од Донбас, украинскиот отпор продолжува во Северодонецк, еден од двата клучни града во регионот, кој сè уште не е во рацете на Русија, истакна тој.
„Ги има повеќе, тие се помоќни, но ние ги имаме сите шанси да се бориме“, рече Зеленски.
Во меѓувреме, Киев се надева дека ќе создаде сигурни коридори кои ќе им овозможат на неговите бродови да извезуваат жито што е блокирано во земјите од борбите. Зеленски рече дека Украина е во преговори со земји како Турција и Велика Британија за безбедносни гаранции за украинските бродови кои го носат многу потребно жито за извоз. Руската инвазија на Украина го наруши снабдувањето со храна за многу нации во светот, предизвикувајќи зголемени цени.
„За нас е важно да постои безбедносен коридор ... флотата на оваа или онаа земја да го обезбеди транспортот на житото“, рече Зеленски.
„Ако сега имаме 22-25 милиони тони блокирани таму, наесен може да имаме 75 (милиони тони). Што ќе правиме? Затоа не можеме без пристаништата“, додаде тој.
Прашањето за блокираното жито ќе биде на дневен ред во среда за време на посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Турција. Анкара е вклучена во напорите на Обединетите нации да постигнат договор за испорака на украинско жито во услови на ескалација на глобалната криза со храна.
Зеленски рече дека Киев не е поканет на разговорите, веројатно затоа што Турција сака прво да добие безбедносни гаранции за своите бродови од Русија.
Тој објасни дека Украина не може да извезува големи пратки жито преку железницата поради долгото време на испорака, иако Киев преговара со Полска и балтичките земји. Извозот на жито преку соседната територија на рускиот сојузник Белорусија исто така не е опција, рече тој.