Русија отворила потерница по рускиот истражувачки новинар Солдатов

Рускиот истражувачки новинар Андреј Солдатов

Рускиот истражувачки новинар Андреј Солдатов, главен уредник на веб-страницата Agentura.ru, која се фокусира на активностите на руските тајни служби, наведе дека е додаден на листата на барани лица во земјата.

Солдатов денеска на Фејсбук напиша дека го пронашол неговото име во регистарот на барани лица на Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека дознал дека му се замрзнати сите банкарски сметки во Русија.

Не е јасно со какви обвиненија може да се соочи Солдатов, бидејќи во регистарот на министерството се вели само дека тој „се бара за прекршување на член од Кривичниот законик“.

„Истрагата е покрената на 17 март, се претпоставува дека ја истражува главната истражна управа на Истражниот комитет. Бројот на предметот е само неколку цифри различен од бројот на случаите покренати против [новинарите] Мајкл Наки и Руслан Левиев“, напиша Солдатов на Фејсбук.

Минатиот месец, судот во Москва издаде налози за апсење на Наки и Левиев, обвинувајќи ги дека дистрибуирале лажни информации за руската армија, додека трае војната на Москва против Украина.

Наки е поранешен новинар во Ехо Москва, радио станица за која се знае дека го критикува рускиот претседател Владимир Путин. „Ехо Москва“ ги прекина операциите во март, откако Канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека дистрибуира, како што ги нарекоа властите, информации кои „повикуваат на екстремистички активности, насилство и смислени лажни информации“ за руската неиспровоцирана инвазија на Украина.

Левиев е основач на Тимот за разузнавање конфликти, кој ги истражува вооружените конфликти во Украина и други делови од светот. Тој е чест гостин на Јутјуб каналот на Наки.

Медиумите ширум Русија добија инструкции од владата дека дејствијата на Москва во Украина не можат да се наречат „војна“ или „инвазија“, и наместо тоа треба да се нарекуваат „специјална воена операција“.

Откако започна тековната руска инвазија на Украина на 24 февруари, Солдатов разговараше со различни медиуми, вклучително и РСЕ, како експерт за реакциите на руските тајни служби на одлуките на претседателот Владимир Путин во врска со војната во Украина.