Московскиот суд денеска изрече парична казна од 20 милиони рубљи (325.000 долари) на Радио Слободна Европа/Радио Слобода (Radio Liberty) - РСЕ / РЛ за објавување „лажна“ содржина во врска со руската „воена операција“ во Украина, пренесе Интерфакс.
Рускиот медиумски регулатор ја блокираше веб-страницата на РСЕ на почетокот на март заедно со другите светски медиуми. Русија во март воведе закон со кој поради цензура повеќе странски медиуми беа принудени да се повлечат. Законот го криминализира ширењето на „лажни“ информации за инвазијата на Украина, а предвидува и казни до 15 години затвор.
Во петокот, на 3 јуни, Министерството за надворешни работи на Русија испрати порака до законските претставници на странските медиуми кои се во Москва со намера да ги „објасни“ последиците од она што го нарекуваат „непријателско делување на Западот“.
Захарова рече дека прес-центарот на МНР ќе им ги објасни последиците од „непријателската политика на нивните влади“ на претставниците на западните медиуми на планираната средба.