Владата ќе ги објави сите компании кои направиле вештачки скок на цените, најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој посочи дека останува на ставот оти имало вештачко зголемување кај дел од производите.
Списокот, според Битиќи, ќе биде објавен откако инспекциските служби ќе утврдат дали порастот на цените бил реален.
„Дека има вртоглаво и вештачко зголемување на цените, кажав и минатата недела. Еве, два примера зошто го тврдев тоа. За само два дена, маржата на добивка кај тестенина од еден производител, пораснала од четири проценти на 31 мај на 72,5 проценти т.е. граѓаните плаќаат 65 проценти повисока маржа на добивка за тестенина од еден производител, изјави Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на фабриката „Таб мак“ во Пробиштип.
На први јуни беа укинати антикризните мерки кои стапија во сила во март, а со кои се намали ДДВ-то за основните производи за исхрана од 5 на 0 отсто, се намали акцизата и ДДВ за горивата, а Владата на трговците им ја ограничи маржата на 5, односно на 10 отсто за одредени производи.