Вучиќ незадоволен од околностите што го спречија доаѓањето на Лавров во Белград

Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со амбасадорот на Руската Федерација Александар Боцан-Харченко

Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со амбасадорот на Руската Федерација Александар Боцан-Харченко изрази незадоволство од околностите што го спречија доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Србија и покрај сè ќе ја чува независноста и автономијата во политичките одлуки, ќе го продолжи европскиот пат со негување на традиционалните пријателски и партнерски односи со земјите на сите континенти и ќе ја зачува воената неутралност“, се наведува во соопштението од прес службата на српскиот претседател.

На состанокот било речено дека наскоро се очекува да се одржи средба на шефовите на српската и руската дипломатија Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров.
Вучиќ и амбасадорот Боцан-Харченко разговарале и за бројни теми од билатералните односи меѓу Србија и Русија, при што беше истакната потребата од подетални разговори на сите нивоа.

Се очекува во текот на денот Вучиќ да и ги објасни на српската јавност деталите поврзани со посетата на министерот Лавров.

Инаку земјите кои граничат со Србија го затворија својот воздушен простор за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој требаше да ја посети Србија на 6 и 7 јуни. Лавров заедно со рускиот претседател Владимир Путин е на списокот со санкции против многу западни земји поради инвазијата на Украина. Единствените земји во кои можат да патуваат во Европа се Белорусија, Молдавија, Србија и Босна и Херцеговина. Лавров, како што беше најавено, денеска и утре во Белград требаше да разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ за сите теми од интерес на, како што изјави, српските пријатели.