Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ситуацијата околу неговата денешна посета на Србија ја оцени како незамислива, додавајќи дека со одбивањето на неговиот лет, земјите од ЕУ и НАТО го лишиле Белград од правото да води суверена политика.
На прес-конференција Лавров рече дека во изминатите 24 часа пристигнале многу прашања за „реагирање на незапаметени одлуки донесени од некои членки на НАТО“, кои „ја оневозможиле реализацијата на посетата“.
„Се разбира, се случи незамисливото и го разбирам интересот што го покажувате за нашата проценка за овие невидени дејствија. На суверената држава и е одземено правото да води надворешна политика. Меѓународните активности на Србија во руска насока се блокирани“, рече тој.
- МНР: Забрана за прелет на авионот на Лавров е согласно владината одлука за затворање на воздушниот простор за руски авиопревозници
- Захарова: Соседите на Србија го затворија воздушниот простор за авионот на Лавров
Лавров рече дека многу го цени „храбриот“ став на Србија и лично на претседателот Александар Вучиќ дека нема да се занимава со антируска политика. Тој нагласи дека „никој нема да може да ги уништи“ односите меѓу Русија и Србија.
Лавров додаде дека Русија и Србија ќе продолжат со контактите и дека министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ е поканет во Москва.