Кампањата за парламентарните избори во Франција завршува на 12 јуни, но е без ентузијазам и под закана од голема апстиненција. Претседателот Емануел Макрон, кој го освои вториот мандат на крајот на април, беше обвинет за инерција, но вети дека ќе патува во текот на неделата. Тој треба да даде интервју за регионалните медиуми со цел да ги повика Французите да изберат „стабилно и сериозно мнозинство“ во Парламентот. Макрон претходно изјави дека веднаш по двата круга на парламентарните избори, на 12 и 19 јуни, ќе ги собере политичките, економските и социјалните сили, како и граѓаните избрани со ждрепка, за да започнат реформи за подобрување на куповната моќ, животната средина, пензиите и институциите.
Коалицијата на центарот на Макрон, според анкетите, се смета за фаворит, а тој се надева дека ќе го задржи апсолутното мнозинство во Парламентот. Сепак, Макрон и неговите центристички сојузници се под притисок од сојузот на левичарските партии предводени од лидерот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон. 70-годишниот Меланшон, кој го освои третото место во првиот круг на претседателските избори, сака парламентарните избори да ги претстави како трет круг од претседателските избори. Неговата коалиција наречена „Нова народна еколошка и социјална унија“ (Nupes) ги обединува социјалистите, комунистите, еколозите и партијата на Меланшон, Неосвоена Франција. Според последната анкета, коалицијата на Макрон Заедно би можела да освои меѓу 275 и 310 места во парламентот, но веројатно нема да освои апсолутно мнозинство од 289. Нупес би освоил меѓу 170 и 205 места, пред десничарските републиканци и екстремно десничарската партија Национален собир Марин Ле Пен.
Ковачевски-Макрон: Нема време за губење за членството на С.Македонија во ЕУ
Французите ќе гласаат за кандидатите за 577 пратеници, а граѓаните на француските прекуморски територии и Французите кои живеат во странство веќе излегоа на гласање. Резултатите од тој дел од гласањето се очекуваат вечерва или во понеделник. Според истражувањето објавено во петокот, само 38 насто од Французите изјавиле дека редовно ја следат изборната кампања, така што се очекува воздржување на гласачите.