Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека се потврдени 780 случаи на мајмунски сипаници во 27 земји во светот. Во оваа бројка не се вклучени случаите во африканските земји каде што болеста е ендемична.
СЗО соопшти дека во моментот ризикот по јавното здравје од болеста е оценет како умерен, но предупреди дека ризикот може да стане висок, доколку овој вирус ја искористи можноста да се наметне во неендемични земји како широко распространет човечки патоген.
Агенцијата документирала 207 случаи во Обединетото Кралство, 156 во Шпанија, 138 во Португалија, 58 во Канада и 57 во Германија. Нема смртни случаи поврзани со оваа болест во неендемични земји.
Мајмунските сипаници предизвикуваат треска, главоболка, болки во мускулите, замор и осип што еволуира во лезии и папули. Осипот може да изгледа слично како оној предизвикан од сифилис и херпес.