Османи - Имаме уште работа со Бугарија, а времето е кратко

Средба меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска во Скопје

Министерот за надворешни работи Бујар Османи кој викендов во Скопје имаше работни средби со својата бугарска колешка Теодора Генчовска, денеска изјави дека разговорите создале предуслов за интензивирање во следниот период со цел, како што вели, да се најде некое решение.

Тој одговорајќи на новинарски прашања по прославата во Чаир со која ДУИ одбележа 20 години постоење, рече дека на средбите македонската страна ги образложила своите аргументи, но внимателно ги слушала и бугарските.

„Има добра основа во натамошните разговори овие идеи да се обликуваат во некакви конкретни решенија кои потоа ќе се обидеме да ги ставиме во пакет кој значи платформа за надминување на разликите. Двете страни се охрабрени да продолжат, но имаме уште работа, а времето е кратко. И времето и квалитетот на решенијата се важни, квалитетот не смее да биде жртва на времето, треба да гарантира одржливост на односите за што сме сериозно заинтересирани и ќе се посветиме максимално тоа да го направиме“, рече Османи.

Тој вели дека решението што ќе се постигне, треба да биде достоинствено и прифатливо за двете страни и не смее да остави една страна задоволна, а друга не.

Според него, во разговорите со Генчовска имало доволно конструктивна атмосфера за да се направи обид за неутрализирање на предрасудите и стереотипите и за меѓусебно сфаќање на позициите.

Инцидентот што се случи во Битола, вели Османи, не влијаел на поместување на динамиката и на атмосферата на разговорите со Генчовска.

Претходно и Генчовска рече дека не верува оти инцидентот во Битола со палењето на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ ќе влијае на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Таа вели дека нема пожар во односите на Бугарија со Северна Македонија.