Русија денеска соопшти дека во воздушните удари врз Киев, први по повеќе недели, уништила оклопни возила кои на Украина ѝ ги испорачале земјите од Источна Европа.
„Ракетите со голема прецизност и долг дострел кои ги испукаа руските воздушни сили врз предградие на Киев уништија тенкови Т-72 и други оклопни возила кои источноевропските земји ги испорачаа и кои се наоѓаа во хангарите на фирма за поправка на железнички вагони“, рече портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.
Претходно, градоначалникот на Киев Виталиј Кличко рече дека рано утринава биле извршени напади врз квартовите Дарницки и Дњипровски на југоистокот на Киев, каде што немало слични напади од 28 април, кога градот го посети генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Според украинските воздушни сили, руски авиони ТУ-95 базирани во Каспиското Море испукале повеќе крстаречки ракети во правец на Киев.
Во последните недели во Киев се врати релативен мир, откако Русија се откажа од нападот на главниот град за да се концентрира на истокот на Украина.