Голема руска воздушна активност во Донбас

Оштетена зграда во Северодонецк

Британското Министерство за одбрана соопшти дека руската воздушна активност во регионот Донбас е понатаму е голема, а руски воени авиони продолжуваат со нападите, користејќи и наведувана и ненаведувана муниција.

Во својот дневен разузнавачки билтен, Министерството наведува дека Русија ја зголемила употребата на тактичка авијација за да го поддржи бавното напредување, комбинирајќи ги воздушните напади со масовни артилериски напади за да ја зголеми огнената моќ.

„Зголемената употреба на ненаведувана муниција доведе до големо уништување на населените области во Донбас и речиси сигурно предизвика значителна колатерална штета и цивилни жртви“, се наведува во соопштението на военото разузнавање објавено на Твитер на 4 јуни.

Заземањето на целиот источен регион Донбас е клучна цел на Москва откако руските сили беа потиснати од Киев.

Регионалниот гувернер на Луганск Серхи Гајдај рече дека украинските сили и натаму ги држат своите позиции во Северодонецк и дека ги потиснале руските сили на неколку локации.

„Штом ќе имаме доволно западно оружје со долг дострел ќе ја потиснеме нивната артилерија од нашите позиции“, рече Гајдај.