Палењето на клубот во Битола нема да ги наруши односите меѓу двете земји, рече министерката за надворешни работи Теодора Генчовска при денешната посета на опожарениот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.
Таа изрази надеж дека македонските служби ќе спроведат брза истрага и ќе го фатат сторителот.
„Како што ме увери началникот на Битолската полиција преземени се сите мерки и во најскоро време ќе следат резултати. Се надевам на конечни резултати за да има конечна пресуда за извршителот“, додаде министерката.
Генчовска рече дека ова никогаш не би можело да биде провокација од бугарска страна, но дека името на клубот нема да се менува, туку и понатаму ќе остане да се нарекува Ванчо Михајлов.
Пожарот беше подметнат утрово во пресрет на работната посета на Генчовска на Македонија на покана на министерот Бујар Османи, со цел решавање на отворените билатерални прашања.
„Продолжуваме со многу конструктивниот дијалог. Морав да излезам од средбата со Бујар Османи, сега се враќам пак, продолжуваме. Мислам дека ќе се договориме за нештата кои треба да се завршат од страна на Република Северна Македонија да биде исполнет договорот“, рече Генчовска.
Дали ќе го дигнат ветото во јуни рече дека зависи од Македонија и европските партнери.
Денес претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и МНР го осудија палењето на центарот. Ковачевски рече дека „во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо“.
Клубот беше отворен на 16 април годинава во присуство на бугарскиот премиер Кирил Петков и други претставници од бугарскиот државен врв. Тоа наиде на жестоки реакции во македонската јавност, со оглед на тоа што Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.