Десетици луѓе се повредени во судирите меѓу ерменските опозициски демонстранти и полицијата. Демонстрантите се противат на владиното решение на спорот околу Нагорно–Карабах со Азербејџан.
До судирите дојде доцна синоќа во близина на вилите во кои се сместени највисоките владини претставници во центарот на Ереван, кога полицијата употреби шок-бомби да ги одврати демонстрантите од станбените згради во кои живее премиерот Никол Пашанијан.
Министерството за здравство соопшти дека од 22:30 часот по локално време, лекарска помош побарале 50 лица, меѓу кои 34 полицајци. Еден од ранетите е во критична состојба, соопшти Министерството, но не даде детали.
Приведени се 11 демонстранти под обвинение за насилство врз полицијата и пружање отпор при апсење, соопшти денеска полицијата.
Синоќешните демонстрации беа едни од најнасилните откако ерменските опозициски групи речиси секојдневно почнаа да одржуваат антивладини собири во главниот град кон крајот на април против владиното поставување во спорот околу Нагорно-Карабах со Азербејџан. Тие бараат оставка од Пашанијан.
Тој се соочи со жестоки критики, откако со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во април се договори за изработка на мировен договор за решавањето на судирите и за демаркација на меѓусебната граница.
Пашанијан минатата недела повторно се сретна со Алиев на нова рунда преговори за идниот договор.
Ерменија ја изгуби контролата врз делови од азербејџанскиот отцепен регион Нагорно-Карабах во војната од 2020 година, која заврши со прекин на огнот со посредство од Москва, а под надзор од руските сили.
Вчерашниот протест почна откако владејачкото мнозинство во ерменскиот парламент ја прекина посебната седница која ја покренаа две опозициски партии поради дебата за гласање за резолуција за забрана на каков било статус на Нагорно-Карабах во рамки на Азербејџан.
Владејачката фракција на Граѓанскиот договор не се појави на седницата, со што немаше кворум за работа. Тие го нарекоа гласањето „лажна политичка програма“ кога би можела да ја попречи Ерменија во преговорите со Азербејџан.
Демонстрантите два часа ги блокираа сите влезови и излези од парламентот, барајќи состанок со Пашанијан, по што тргнаа кон владините вили оддалечени два километри.