Јово Вангеловски осуден на условна затворска казна

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

За виновен е прогласен поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски за злоупотреба на службената положба и овластување. Основниот кривичен суд во четвртокот го осудил Вангеловски на една година и шест месеци затвор, но казната му е заменета за условна, доколку во наредните четири години не стори ново кривично дело, потврдија за МИА од Судот.

„По изведените докази и завршните зборови донесена е првостепена пресуда. Обвинетиот е огласен за виновен и определена му е условна осуда“, велат од Судот.

Тој е осуден за предметот за разрешување на поранешната судијка во Врховниот суд, Лидија Неделкова, која беше разрешена на барање на Вангеловски. Пред да биде разрешена, тој одбил да ѝ утврди додаток на плата, како што им следи на сите судии, по што таа му поднесе пријава, сметајќи дека тој постапи спротивно на законот.

Вангеловски, пак, беше разрешен од претседател на Врховниот суд поради незаконската постапка околу овозможувањето на бизнисменот Сеад Кочан да се брани од слобода.