Министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска денеска ќе ја посети Битола по повод инцидентот поврзан со палењето на влезната врата на Центарот за култура „Иван Михајлов“ во Битола, и ќе разговара со претставници на здружението, соопшти прес-центарот на бугарското МНР.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, целта на посетата на Генчовска на Македонија е продолжување на дијалогот меѓу министерствата на двете земји за отворените билатерални прашања поврзани со спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Тема на разговор се и прашањата поврзани со европската интеграција на Македонија.
Во меѓувреме, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова оцени дека палењето на Центарот за култура „Иван Михаjлов“ во Битола е уште една провокација и дел од масовната антибугарска кампања што започна веднаш по отворањето на клубот.
Таа на Фејсбук напиша дека уште при отворањето на клубот пред еден месец, на кое учествуваше бројна бугарска делегација, беше констатирано дека единствената функција е да ја зачува бугарската култура и идентитет кај Бугарите во Северна Македонија.
„Само брзите активности на надлежните институции во најкус можен рок за откривање на сторителите ќе докажат дека кај нашиот западен сосед се почитуваат правата на Бугарите, како и на сите други националности“, додаде потпретседателката на Бугарија во својата објава на Фејсбук.
Претседателот Стево Пендаровски го осуди палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола.
„Најостро го осудувам палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола. Ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија“, пишува Пендаровски на Фејсбук.
Тој ги повика надлежните институции да спроведат брза и детална истрага и да ги откријат и казнат сторителите.
Претходно, и Министерството за надворешни работи најостро го осуди намерното палење.
„Ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина“, велат од МНР.
Непознати сторители ноќеска го запалиле влезниот дел од бугарскиот Центар за култура Ванчо Михајлов во Битола. Полицијата и Обвинителството утринава извршија увид.
Присуството на бугарскиот државен врв на отворањето на Културниот клуб во Центарот Ванчо Михајлов во Битола предизвика жестоки реакции во македонската јавност, со оглед на тоа што Михајлов, родум од Штип, во Втората светска војна бил соработник на фашистите. Тој тврдел дека Македонците се дел од бугарскиот народ.