Касапи, нон-пејпери, бомби...

ЕУ - Европската унија ги стави на црната листа руските воени команданти, за кои рекоа дека ги воделе војниците вклучени во злосторствата во Украина, опишувајќи ги како „касапите“ во Буча и Мариупол. Нејзината најнова листа на санкции ја вклучува и Алина Кабаева, за која се вели дека е „тесно поврзана“ со рускиот претседател Владимир Путин, иако тој негираше дека се во емотивна врска.

ГЕРМАНИЈА / МАКЕДОНИЈА - Следната недела германскиот канцелар Олаф Шолц ќе го посети Западен Балкан, при што е најавена негова посета и на Македонија на 11 јуни.

САД / МАКЕДОНИЈА - Државиот секретар Ентони Блинкен за време на средбата со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи ја истакнал американската поддршка за брзо пристапување на Северна Македонија во ЕУ, истакна портпарлот на Стејт департментот Нед Прајс.

РУСИЈА - Најголемата руска интернет компанија соопшти дека нејзиниот главен извршен директор се повлекува откако беше санкциониран од Европската унија. Аркадиј Волож, кој е ко-основач на Јандекс (Yandex), портал кој се нарекува и Гугл на Русија поради неговата популарна функција за пребарување, ќе ги пренесе своите акции на одборот на директори, се вели во соопштението на компанијата од 3 јуни.

СРБИЈА / РУСИЈА - Претставничката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, потврди дека шефот на руската дипломатија на Русија, Сергеј Лавров ќе ја посети Србија.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот премиер Димитар Ковачевски од Форумот ГлобСек во Братислава денеска побара да се прати јасна порака со храбра одлука за Западен Балкан, за тоа како да се продолжи понатаму, по јуни.

РУСИЈА - Рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор ја блокираше веб-страницата на руски јазик на ерменскиот сервис на РСЕ, локално позната како Радио Азатутјун. Групата која промовира нецензурирани онлајн медиуми во Русија, Роскомсвобода вчера соопшти дека потегот за блокирање на страницата бил инициран од Канцеларијата на Основното обвинителство.

МАКЕДОНИЈА - ССм донесе одлука за генерален штрајк во јавниот сектор доколку не им се исполнат барањата до 21 јуни. Тие бараат потпишување на општиот колективен договор каде што ќе се утврди линерално зголемување на платата од 2806 денари за сите работници во јавниот сектор и враќање на изгубеното право на регрес во 2023 година во износ од 30 до 100 проценти од просечната плата во државата.

АВСТРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Австрија до земјите членки на Европската Унија проследила таканаречен „нон пејпер“ во кој се залага за нов пристап спрема земјите од Западен Балкан, со што би се овозможила „постепена интеграција во ЕУ“. Радио Слободна Европа има увид во овој документ, кој земјите членки го добиле при крајот на мај.