Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) порача граѓаните да внимаваат на храната поради најавено зголемување на дневните температури, со кое се зголемуваат ризиците од појава на труење со храна.
Оттаму порачуваат дека е неопходно е да се направи правилен избор на храна при нејзина набавка и да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување.
„Да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или во замрзнувач. Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, а месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа“, апелира АХВ.
Според Агенцијата, граѓаните кои јадат во угостителските објекти треба да водат сметка дали операторите со храна се грижат за хигиената и безбедноста на храната, а во објектите за брза храна да се одбегнуваат додатоци кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи.
„Доколку се процени дека храната не е безбедна, да не се ризикува – храната да се фрли“, истакнува Агенцијата.
Високите температури, дополнува АХВ, се опасност и за домашните животни и милениците.