Извршниот директор на рускиот интернет гигант се повлече од функција по санкциите на ЕУ

Илустративна фотографија/ Русиот претседател Владинир Путин и Аркадиј Волож, ко-основач на Јандекс (Yandex)

Најголемата руска интернет компанија соопшти дека нејзиниот главен извршен директор се повлекува откако беше санкциониран од Европската унија.

Аркадиј Волож, кој е ко-основач на Јандекс (Yandex), портал кој се нарекува и Гугл на Русија поради неговата популарна функција за пребарување, ќе ги пренесе своите акции на одборот на директори, се вели во соопштението на компанијата од 3 јуни.

Волож, кој исто така ќе се повлече од одборот на директори, го коосноваше Јандекс во 1997 година, претворајќи го во водечки руски пребарувач.

Европската унија денеска го санкционираше Волож како дел од нејзиниот најнов пакет економски казни против Русија за нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина.


ЕУ го обвини Волож дека „ја поддржува, материјално или финансиски, Владата на Руската Федерација“ и рече дека тој е „одговорен за поддршка на акции или политики кои го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“.

Русија доби значително влијание врз Јандекс последниве години, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин ја затегна контролата врз слободата на информациите во земјата.

Порталот содржи агрегатор на вести кој стана клучен извор на информации за Русите.

ЕУ го обвини Јандекс дека го променил алгоритмот за да им отежне на читателите да најдат критички вести за Кремљ, вклучително и за руските воени злосторства во Украина.

Под водство на Волож, компанијата во 2019 година се согласи на реструктуирање што и даде „златен удел“ на новоформираната Фондација за јавен интерес, формирана за „да ги брани интересите на Руската Федерација“.

Јандекс соопшти дека не очекува дека санкциите против Волож ќе влијаат на неговите операции, финансиските позиции или односите со партнерите.

Ниту јандекс, ниту неговите подружници не беа цел на санкции од Западот.

Јандекс одржа првична јавна понуда на своите акции во 2000-тите, ставајќи ги на берзата NASDAQ со седиште во САД.

Тргувањето со акциите е прекинато откако Русија ја нападна Украина во февруари.