Претставничката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, потврди дека шефот на руската дипломатија на Русија, Сергеј Лавров ќе ја посети Србија.
Како што изјави Захарова на денешната прес-конференција во Москва, Лавров ќе престојува во Србија од 6 до 7 јуни.
Таа рече дека Лавров треба да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, со српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ и со претседателот на парламентот Ивица Дачиќ.
Исто така Захарова наведе дека е планирано Лавров да се сретне и со патријархот на Српската православна црква, Порфириј.
„Се очекува подетално да се разговара за прашањата на билатералната политичка и економска соработка, размена на мислења за состојбите во регионот на Балканот, како и за актуелните меѓународни проблеми“, рече Захарова, објавија на веб-страницата на руското МНР.
Најавата на Лавров се уште не е официјално објавена во Србија, а на веб-страницата на претседателот на Србија е наведено дека тој од 7 до 8 јуни ќе престојува во Северна Македонија каде ќе присуствува на состанокот на регионалната иницијатива Отворен Балкан.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 2 јуни изјави дека ситуацијата околу најавената посета на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров на Белград станува се покомплицирана, како и дека не е подготвен да даде повеќе детали.
Србија и Русија традиционално одржуваат блиски билатерални односи, зајакнати со зависноста на Србија од рускиот гас.