Ковачевски на ГлобСек побара испраќање јасна порака со храбра одлука за Западен Балкан

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски na Форумот ГлобСек во Братислава

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски од Форумот ГлобСек во Братислава денеска побара да се прати јасна порака со храбра одлука за Западен Балкан, за тоа како да се продолжи понатаму, по јуни.

Пристапувањето кон ЕУ, потенцираше Ковачевски, требаше да биде процес што се заснова на заслуги и државата треба да ги имплементира вредностите на ЕУ, како што се демократијата, економскиот просперитет и социјалната правда. Во нашиот случај, појасни премиерот, 45 проценти од законодавството е усогласено при што додаде дека сме многу подобри во различни поглавја, споредено со други земји кои веќе преговараат.

„Проблемот е во тоа што процесот заснован на заслуги е типично политички процес, каде поради начинот на носење одлуки во ЕУ една држава може да го блокира пристапувањето на земја кандидат, што се случува со Северна Македонија во моментот и тоа се прави исклучиво на политички основи и поради политички причини“, истакна претседателот на Владата, потсетувајќи дека земјава 17 години е кандидат за членство во ЕУ.

Во своето обраќање на панелот „Сега или никогаш: Откривање на европската иднина за Западен Балкан“ Ковачевски нотираше дека сега ЕУ има два проблеми. Првиот се одлуките за Западен Балкан, каде како што рече, ако не се донесе одлука кредибилитетот и важноста ќе и опадне и национализмот ќе почне да расте. Од друга страна, наведе премиерот, процесот за Молдавија, Грузија и Украина веројатно ќе биде сосема поинаков процес, за држави кои се уште немаат капацитет и способности да започнат со преговори за пристапување во ЕУ.

На прашање од присутните за тоа што се работи за двонасочен однос на ЕУ и земјите кандидати за членство, што ЕУ направи погрешно и дали е време да се смени овој колективен пристап, премиерот Ковачевски оцени дека кога за еден процес е потребно предолго време тогаш довербата во тој процес и кредибилитетот опаѓаат, исто како што опаѓа и важноста на играчите што се вклучени во тој процес.

Запрашан дали ЕУ добро соработува со САД и дали ова партнерство е функционално или само создава проблеми, премиерот Ковачевски одговори дека Северна Македонија иако не е членка на ЕУ, целосно ја усогласи својата со надворешната политика на ЕУ, затоа што одлуката е дали сте на вистинската страна на историјата, на страната на демократијата во војна со автократијата.

„САД е стратешки партнер на регионот и на Северна Македонија и тоа е така веќе 30 година во текот на нашата независност, на секое поле на развој на земјата“, рече Ковачевски, потсетувајќи дека државите од поранешна Југославија се земји кои претпрпеа дисконтинуитет поради промената на политичкиот и економскиот систем.

„Во овој процес на повторна изградба и стекнување доверба во регионот, САД одиграа навистина многу важна улога“, додаде премиерот.

Тој притоа информираше дека неделава делегација од Северна Македонија на ниво на министри од надворешни работи, одбрана, култура и економија е во САД и има конкретни активности.