Израел загрижен поради иранската нуклеарна програма

Илустративна фотографија

Израелскиот премиер Нафтали Бенет му кажа на шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) дека еврејската држава е подготвена да го искористи своето „право на самоодбрана“ за да го спречи Иран да направи нуклеарно оружје.

На денешниот состанок во Ерусалим со шефот на МААЕ Рафаел Гроси, Бенет го обвини Техеран дека го лаже светот за неговите нуклеарни активности.

Бенет ја изрази „длабоката загриженост на Израел во врска со континуираниот напредок на Иран кон постигнување нуклеарно оружје, истовремено измамувајќи ја меѓународната заедница, користејќи лажни информации и невистини“, се вели во соопштението од неговата канцеларија.

Во соопштението се додава и дека израелскиот лидер „ја истакна итната потреба од мобилизирање на меѓународната заедница да преземе акција против Иран, користејќи ги сите средства, со цел да се спречи Иран да постигне нуклеарно оружје“.


Предупредувањето на Бенет доаѓа во време на застој во напорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и светските сили, чија цел е да се спречи Иран да развие атомско оружје. Договорот пропадна откако претседателот Доналд Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот и ги врати строгите санкции кон Иран.

Пропаднаа и напорите на администрацијата на претседателот Џо Бајден за заживување на договорот кои започнаа во Виена во април минатата година.


Посетата на Гроси дојде откако МААЕ на 30 мај соопшти дека сè уште има прашања кои „не се разјаснети“ и покрај долготрајните напори да се натера Иран да го објасни присуството на нуклеарен материјал на три непријавени локации.

Бенет рече дека Израел претпочита дипломатија, но „го задржува правото на самоодбрана и на дејствување против Иран со цел да ја блокира неговата нуклеарна програма доколку меѓународната заедница не успее во соодветната временска рамка“.

Израел беше жесток противник на нуклеарниот договор од 2015 година и го поздрави едностраното повлекување на администрацијата на Трамп од договорот.

Инаку се верува дека Израел е единствената атомска сила на Блискиот Исток, но земјата одбива да потврди или негира дека поседува нуклеарно оружје.