ССМ донесе одлука за генерален штрајк во јавниот сектор доколку не им се исполнат барањата до 21 јуни. Тие бараат потпишување на општиот колективен договор каде што ќе се утврди линерално зголемување на платата од 2806 денари за сите работници во јавниот сектор и враќање на изгубеното право на регрес во 2023 година во износ од 30 до 100 проценти од просечната плата во државата.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски изјави дека доколку не им се исполнат барањата до зададениот рок синдикалците ќе прекинат со работа и да стапат во генерален штрајк.
„Бараме итно зголемување на платите. Ценовните шокови и двоцифрената инфлација ни даваат право да бараме усогласување на платите веднаш, бидејќи веќе не се издржува“, изјави Димовски.
Се проширува списокот на штрајкови за поголеми плати, Владата во „небрано“
Тој на новинарското прашање што се случи со задоволството од социјалниот дијалог со Владата кој неодамна беше изразен, истакна дека тоа се однесувало само на минималната плата.
„Да не мешаме бабаи и жаби, тогаш баравме минимална плата која беше неопходна за справување со овие кризи“, вели Димовски.
Тој објаснува дека со постигнатиот договор за минимална плата во приватниот сектор им се отворила вратата за усогласување според закон со неа и останатите плати.
До ова дојде по вчерашниот неуспешен обид од страна на владата да ги премисли синдикалците за нивната најава за целосна блокада на институциите се до решавање на нивното основно барање, а тоа е зголемување на платите во администрацијата и јавниот сектор. ССМ и Владата со недели преговараа за зголемување на платите во јавниот сектор. Веднаш по зголемувањето на минималната плата синдикалците се залагаа за линеарно зголемување на платите кај останатите вработени. Пред ребалансот на буџетот тие добија уверување дека ќе има по 2800 денари зголемување на платите, но, велат, во предлог ребалансот таква ставка нема.