Косовскиот премиер Албин Курти ја одбил поканата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски да присуствува и учествуваа во регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ која ќе се одржи во Охрид следната недела на 7 и 8 јуни. Косовските медиуми јавуваат дека во писмото кое му го испратил на Ковачевски било посочено дека „Косово е посветено на Берлинскиот процес“.
Во него е наведено дека Косово и Северна Македонија треба да соработуваат во делот како „да ја спречат Србија да промовира руски и кинески интереси во регионот, додека истовремено негира независност, суверенитет и територијален интегритет на Косово и блокира еднакви можности за граѓаните на Косово“.
Амбасада на САД во Приштина: Отворен Балкан ќе успее ако во него влезат сите земји од регионот
„Република Косово ја поздравува регионалната соработка заснована на принципите на рамноправност, од која на крајот граѓаните ќе имаат корист. За таа цел ние сме активно ангажирани во Берлинскиот процес, кој покрива многу регионални иницијативи, вклучувајќи го Заедничкиот регионален пазар (ЦРМ), кој беше усвоен од шесте држави на Западен Балкан на самитот во Софија во 2020 година и кој е целосно поддржан од Европската унија“, се вели во писмото на косовскиот премиер до неговиот македонски колега.
Отворен Балкан е иницијатива која ја покренаа Србија, Албанија и Македонија во која основна цел е заеднички економски и политички простор и постојано повторуваат дека оваа иницијатива е инклузивна и ги повикуваат другите земји од Западен Балкан да се приклучат.