Двајца лекари, рецепционер и поранешен војник кој ја придружувал сопруга за време на преглед, биле убиени во масовно пукање во болница во Тулса. Локалната полиција соопшти дека од две лица кои загинале при престелката се доктори, вториот е рецепционер во болницата, додека четвртиот загинат е ветеран кој го жртвувал својот живот за сопругата која ја придужувал на преглед кога започнало пукањето.
Началникот на полицијата во Тулса, Вендел Френклин, изјавил дека еден од лекарите бил таргет на напаѓачот затоа што минатиот месец му извршил операција. Напаѓачот го обвинил хирургот за болките што ги чуствувал.
Во петминутното пукање беа повредени уште неколку лица, но набрзина им била укажана помош и биле пуштени на домашно лекување истиот ден. По настанот напаѓачот извршил самоубиство.
Ова е само еден од серијата оружени напади изминативе неколку денови во САД. Вчера маж застрела две жени на паркинг пред црква во сојузната држава Ајова, а потоа се самоуби, соопшти полицијата.
Пукотницата во Ајова се случи веднаш откако претседателот Џо Бајден одржа говор за оруженото насилство по масовните престрелки во Бафало, Њујорк, Увалде, Тексас и во Тулса (Оклахома) изминатите седмици. Бајден во синоќешното обраќање до нацијата побара од Конгресот мерки за спречување на масовни пукања, вклучително и зголемување на возраста за купување оружје за напад.
„Видете, знам дека некои луѓе ќе речат „18-годишниците можат да служат во војска и да пукаат од такво оружје“, но тоа е со обука и надзор од најдобро обучените експерти во светот. Не ми кажувајте дека зголемувањето на возраста нема да направи разлика. Доста е“, рече Бајден за време на телевизиското обраќање по повод справувањето со оруженото насилство.
Во меѓувреме, уште една пукотница се случи вчера на погреб во Рејсин во сојузната држава Висконсин, при што се ранети две лица.