Османи од Вашингтон: Стратешкиот дијалог со САД е ново поглавје во меѓусебните односи

Почеток на стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД, 2 јуни 2022

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид, го отворија Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Соединетите Држави, кој денес се одржува во просториите на Стејт департментот во Вашингтон.

„Стратешки дијалог со Соединетите Држави претставува ново поглавје во нашите меѓусебни односи, кое ќе го надгради нашето Стратешко партнерство и ќе постави рамка за понатамошно унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји. Особено нѐ прави горди што Северна Македонија е прва земја од Западниот Балкан која го одржува овој значаен процес, што претставува признание и за нашата регионална улога и јасен сигнал за пријателството и силното сојузништво меѓу двете земји“ , подвлече Османи.

По официјалното отворање, следеше сесијата посветена на регионалните иницијативи, што беше предводена од страна на министерот Османи и помошникот државен секретар, Карен Донфрид. Во фокусот на дискусиите беше важноста на регионалните иницијативи за реформските процеси како особено значајни за евроинтегративните перспективи, помирувањето и целокупната стабилност на Западниот Балкан.

Османи оствари и билатерална средба со Донфрид, на која како што соопштија од МНР било изразено задоволство што Северна Македонија и САД одржуваат Стратешки дијалог, преку кој се зајакнува стратешкото партнерство и се надградуваат билатералните односи меѓу двете земји. Воедно било поздравено и сојузништвото меѓу двете земји, особено во рамки на НАТО, како исклучително значајно во контекст на актуелните безбедносни предизвици.

„Во актуелните околности, улогата на САД и нивното зајакнатото присуство во Западен Балкан се од суштинско значење за зачувување на регионалната стабилност. Дополнително, новата геополитичка реалност ја истакнува потребата од забрзување на европските и евроатлантските процеси на земјите од Западен Балкан, што воедно претставува и гаранција за регионалната и европската стабилност и безбедност, но и го ограничува влијанието од трети земји,” порача Османи.

Во рамките на разговорот, соговорниците упатиле силна осуда на руската воена инвазија во Украина, што претставува напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата и сериозна закана за светскиот мир, безбедност и стабилност.