Исполнувањето на обврските од Бриселскиот договор останува клучна порака за сите понатамошни разговори, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, наведувајќи дека се согласува со специјалниот пратеник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак.
Вучиќ на Инстаграм објави дека денеска имал „отворен и искрен разговор“ со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак.
„Го анализиравме постигнатото и се согласивме дека исполнувањето на обврските од Бриселскиот договор останува клучната порака за сите понатамошни разговори. Ја повторив целосната посветеност на Република Србија за продолжување на тој процес и напорите за постигнување компромисно решение со цел да се создадат подобри односи меѓу Србите и Албанците“, се вели во објавата на Вучиќ.
Косово прогласи независност во 2008 година, која официјален Белград не ја признава. Независноста на Косово ја признаа САД, повеќето земји од ЕУ, но не и Кина и Русија. Претставници на Србија и Косово со посредство на ЕУ водат разговори, кои според западните политичари, треба да резултираат со взаемно признавање.
Како што беше истакнато, Вучиќ и Лајчак се согласиле дека регионалната соработка, заедно со зачувувањето на мирот и стабилноста, е единствениот правилен пат за напредок на земјите од Западен Балкан.