Итно да се елиминираат непотребните и комплицирани бирократски процедури за инсталирање обновливи извори на енергија кои траат по 60 до 90 дена, да се зголеми домашното производство на основните земјоделски култури и да се активираат државните резерви. Ова се трите основни барања на Сојузот на стопански комори за, како што велат, полесно да се пребродат ценовните шокови.
Оттаму велат дека компаниите се подготвени да инвестираат во обновливи извори, но главна пречка им се сложените административни постапки. Иако некои веќе ја имаат обезбедено опремата и треба да ја монтираат, губат време за вадење дозволи и документи, „трчајќи“ во општините и низ институциите.
„Бараме решителна реакција, сега и веднаш. Има најави, но бараме дела. Ако сакаме да се заштитиме од ценовни шокови, треба да одиме во еден правец – домашно производство и на енергенти и на прехранбени производи. На тој начин шоковите би биле помали и ситуацијата би се држела некако под контрола. Производството може да се зголеми, можеби не драстично, но секојдневно секако да“, изјави претседателот на ССК Трајан Ангелоски.
Нови антикризни мерки по ребалансот на буџетот
Доцниме со инвестициите и сега, кога приватниот сектор презема иницијативи, тие се закочени, не можат да се реализираат, вели Ангеловски.
„Укинување на комплицираните процедури за добивање дозволи за инсталирање обновливи извори. Компаниите можат добар дел од енергетските потреби сами да ги задоволат, а неопходното ќе го купат. Нема потреба да имаме толку сложени процедури, да губиме време по општини за градежни дозволи или по институции за вадење документи. Чекаме по 60 – 90 дена. Според неофицијални информации, само во една од скопските општини има 30 – 40 предмети за обновливи извори. Денес не е проблем да се обезбеди опремата, но на обезбедена опрема и можност таа да се монтира, ние сме закочени во административните процедури“,вели Ангелоски.
РКЕ неделно добива 15 барања за лиценци за фoтоволтаици
Тој укажа дека земјава годишно троши преку една милијарда евра за увоз на енергенти. Во однос на мелничко-пекарската индустрија, тој потсети дека подолго време се бара интервенција и активирање на државните резерви.