Владејачкото мнозинство го одби предлогот на опозицијата, предложените уставни судии сами да се претстават на Комисијата за избори и именувања. На денешната седница пратениците еден час дебатираа како да ја почнат расправата за предлозите за уставни судии, дали тоа да биде со јавно и лично презентирање или пак да одлучуваат според доставените биографии.
Опозициската пратеничка група предложи кандидатите да имаат свое дваесетминутно лично претставување пред нив, како и да одговорат на неколку прашања на народните избраници пред гласањето.
„Не знам од што се плашите, ако кандидатите излезат пред јавноста па таа нека суди која е поистакната правничка Тања Васиќ или професорката Родна Живковска, односно Васиќ која пред неколку месеци магистрирала, а нејзин ментор била професорката Живковска, изјави пратеникот Антонио Милошоски.
Претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска истакна дека нема деловничка обврска да се повикуваат предложените кандидати да се претстават пред пратениците и дека досега немало таква пракса.
„Сметам дека можеме да продолжиме да расправаме за поединечните предлози кои се дадени токму од вас пратениците“, рече Георгиевска.
Кацарска- Ако до декември не се изберат нови судии, ќе влеземе во уставна криза
Пратениците треба да ги разгледаат биографиите на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии, и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.
Професори, обвинители и советничка- кои се предложените нови уставни судии?
Денеска беше закажана седница на Комисијата за именување откако претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска одржа работен состанок со државниот врв апелирајќи прашањето со изборот на уставни судии да биде надминат.
Изборот на уставни судии на седница на Комисијата за избори и именувања
Кацарска по состанокот со државниот врв изјави дека ако до крајот на годината Судот не биде комплетиран, тогаш на државата и се заканува уставна криза.
Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата заседава и разгледува опции за нови уставни судии откако по речиси една година Уставниот суд работи со намален број на судии.